ССНМ: Објавите на Апасиев поттикнуваат на омраза кон новинарите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ги осуди навредите и заканите со тужби од претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев насочени кон новинарките Габриела Димковиќ-Мишевска и Мери Јордановска од порталот А1он.

„Откако колешката Габриела Димковиќ побарала од Апасиев коментар за потребите за текст поврзан со финансирањето на политичките партии добила непримерни одговори, целосно несоодветни и неприфатливи за јавна личност, која би требало да ги претставува и да ги застапува интересите на сите граѓани во законодавниот дом“, се наведува во реакцијата на ССНМ.

Од таму посочуваат дека Апасиев во два наврата на својот Фејсбук профил со омаловажувачки и навредувачки тон се обраќал како кон новинарките, така и кон Здружението на новинари на Македонија, а се заканувал и со тужби.

„Потсетуваме дека релевантните организации како Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари на кои ССНМ е член, заканите со тужби и тужбите кон новинари од поодамна ги означуваат како притисок врз слободата на изразување и на медиумите“, објаснуваат од самостојниот синдикат.

Во реакцијата се вели дека написите на лидерот на Левица содржат елементи на говор на омраза и истовремено отвораат простор и поттик за дополнителна омраза кон новинарите и медиумските работници, што многу често може да заврши со насилство.

„Потсетуваме дека поттикнување омраза е казниво дело според Кривичниот закон и ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да ги преземат соодветните дејствија“, бараат од ССНМ.

Од таму порачуваат дека избраните и именуваните функционери кои добиваат плата од парите на граѓаните мора да внимаваат како комуницираат со јавноста, односно со медиумите, без оглед на тоа дали им се допаѓа или не уредувачката политика на истите.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.12.2020 - 12:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега