Станојевиќ: Семејството на 2-годишното претепано дете подолго време трпело насилство

 

Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против 47-годишниот Ф.С. од Скопје за семејно насилство.

МВР соопшти дека пријавениот Ф.С. на 8 август во семејниот дом, во алкохолизирана состојба, физички ги нападнал неговиот двегодишен син и неговата сопруга Ѓ.С. и им нанел телесни повреди.

Додека неговата сопруга била на работа, Ф.С. физички го нападнал двегодишното дете, по што тоа се онесвестило. Околу 18.30 часот Ѓ.С. дошла од работа и ги затекнала своите четири малолетни деца заклучени во соба. Во моментот кога нејзиниот најстар син (9 години) ја отворил вратата, пријавениот Ф.С. физички ја нападнал Ѓ.С.. Таа успеала да избега во собата кај децата, кои и кажале дека татко им ги тепал сите, а најмногу најмалиот брат. По кратко време, Ѓ.С. со такси возило го однела двегодишниот син во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му биле констатирани телесни повреди и бил задржан на лекување.

Во разговор со полициските службеници Ѓ.С. изјавила дека ова не е прв случај на семејно насилство од страна на Ф.С.. Тој и порано ги малтретирал. Со помош на Центарот за социјални работи на град Скопје останатите три деца биле згрижени во шелтер центар.

На 09.08.2018 година во 01:05 часот пријавениот Ф.С. бил лишен од слобода и задржан во полициска станица, по што му е одреден 8 дневен притвор.

Директорката на меѓуопштинскиот Центар за социјални работи, Наташа Станојевиќ во изјава за ТВ24 кажа дека ова не е првпат семејството да трпи насилство.

-Детето ќе биде хоспитализирано и во придружба на неговата мајка. По нејзината изјава дека има уште три братчиња кои што се малолетни Центарот за социјални работи направи увид во домот и децата уште во текот на ноќта беа сместени во згрижувачко семејство. По зијавата на мајката дека не се чувствува безбедно по закрепнувањето на детето да се врати во семејниот дом, сите заедно ќе бидат сместени во згрижувалиште за жртви на семејно насилство. Не е првпат да бидат сместени таму, во текот на февруари престојувале краток временски период, по извршено насилство врз мајката,  но таа самоиницијативно го напуштила згрижувалиштето откако добила ветувања од сопругот дека нема повторно да врши семејно насилство, кажа Станојевиќ.

 

 

 

10.08.2018 - 19:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа