Стоилковски: 12 дена нема одговори за автобусот на смртта

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција ја обвини власта дека по 12 дена се уште нема никаков одговор ниту одговорност за трагедијата во која изгореа 45 луѓе во Бугарија.

„ 12 дена нема никаков одговор, ниту одговорност, никаква реакција за трагедијата во којашто изгореа 45-мина како резултат на криминал и на корупција. 12 дена од автобуската несреќа во која загинаа 45 граѓани на Македонија, а власта нема одговори. 12 дена нема одговор како е можно автобусот на смртта 135 пати да ја мине границата без лиценца за меѓународен транспорт?

12 дена нема одговор дали навистина се менувани документи и автобус за превоз на 49 патници, е претворен во автобус за 54 патници? 12 дена нема одговор како е можно Инспектори да не можат да влезат во една фирма, одговорна за транспортот на смртта? 12 дена нема одговор дали коалицијата СДСМ/ДУИ и останувањето на власт е поважна од животот на граѓаните? 12 дена Македонија нема одговор и 12 дена Македонија повторно очекува одговор од истрага цитирам „не откривме ништо конкретно“ како за модуларната болница во Тетово“ рече Стоилковски.

Тој обвини дека за неполни 3 месеци 60 граѓани се пеплосани заради криминал и корупција, а одговорност нема.

„ Коалицијата СДСМ /ДУИ ги обвинува граѓаните. Институциите во Македонија наместо истрага, си ја префрлаат одговорноста. А постои признание од директор на Инспекторатот за транспорт, дека автобусот на смртта не бил регистриран, и дека така вршел меѓународен транспорт и поминувал граница!

Ова е повеќе од срамно, повеќе нечесно за било која власт и држава. Македонија најмалку го заслужува ова. Избори, смена на власт, кредибилна истрага со одговорност за сите криминали и за сите корупции“ истакна тој.

05.12.2021 - 14:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега