Стоилковски: Бесмира Ејупи е вработена во МНР за полесно да ја пратат како Генерален конзул?

 

„Македонската дипломатија е меѓународно девастирана, македонските национални интереси, македонската посебност и идентитет се распродаваат, а Бујар Османи се занимава со ново вработување во МНР на омилената ТВ презентерка на ДУИ, соработничката на општините водени од ДУИ, лицето без кое државниот правобранител Фехми Стафа не можеше да функционира, добитникот на најмалку 12.000 евра годишни хонорари, Бесмира Ејупи!“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Оценува дека буџетот е празен а државата е во кризна состојба, додека власта се занимава со, како што истакнува, ухлебување на функционерски миленици!

„Бесмира Ејупи, несудената генерална конзулка во Њујорк, од неодамна е нововработена во Министерството за надворешни работи, соработник во одделението за правни работи. Веќе е почната постапка за добивање картичка за евидентирање за влез и на излез на Ејупи, како и влез во компјутерскиот систем, за што според информациите е почната процедура за безбедносен сертификат „доверливо“, нагласи тој.

„Според информациите, додека тече истрагата за исплатите на над 12.000 евра за една година од институции водени од ДУИ кон Бесмира Ејупи, државниот правобранител, Фехми Стафа тврдеше дека не можел да функционира без неа, додека се уште не е слегната прашината за повлечениот предлог на Влада таа да биде именувана како генерален конзул во Њујорк, Бујар Османи ја презема и вдомува Бесмира Ејупи во МНР“, напомена Стоилковски.

Според него, македонската дипломатија е во нокаут, а институциите служат за задоволување на апетитите и фрустрациите на функционери на ДУИ-СДСМ.

Бујар Османи и Димитар Ковачевски коишто тврдеа дека не ја познаваат Бесмира Ејупи, коишто го криеја предлогот на Влада таа да биде генерален конзул во Њујорк, сега, според Столковски, мора да одговорат за вработувањето на Бесмира Ејупи во МНР?

„Османи и Ковачевски мора директно и прецизно да одговорат зошто Бесмира Ејупи е вработена во МНР? Дали вдомувањето на Бесмира Ејупи во МНР и обезбедувањето на сертификат за доверливост и се потребни за да може полесно да го премостат јазот и скандалот, и конечно да може да ја испратат како дипломат, конзул или амбасадор во Њујорк? Османи и Ковачевски мора да одговорат како е можно лице зад кое што се води истрага за огромен финансиски скандал, можни злоупотреби и префрлање огромна сума буџетски пари, сега да биде вработено во МНР, да му се издава безбедносен сертификат и да биде дел од дипломатската мрежа? “, прашува Стоилковски.

Османи и Ковачевски, како што рече, мора да одговорат со што тоа Бесмира Ејупи ги задолжила до таму, што откако Фехми Стафа е разрешен како државен правобранител, таа да биде вработена во МНР на Бујар Османи.

Ова, според неговите проценки е срамно и ја покажува вистинската слика за самоволието и девастацијата на македонската дипломатија. За ова, дополни Стоилковски, се потребни одговорност и отворање истраги од сите надлежни институции.

 
04.09.2022 - 12:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега