Стоилковски: Заев должи одговор, како со чесна работа и плата се доаѓа до пет фирми во Бугарија и имоти во Грција?

Повеќе од десет дена Заев молчи за семејната куќата на грчка плажа, купена со потпис на братучедот Бобан. Повеќе од десет дена Зоран Заев молчи за семејните фирмите основани во Бугарија, кои сега се косопственици и акционери на фирмите во Македонија, ова денеска преку прес-конференција го истакна Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Уште повеќе Зоран Заев, по дебаклот на корона изборите, среде најголемата политичка економска и здравствена криза- исчезна на одмор во непознат правец. И дури вчера се појави на фотографија, во обид да не убеди дека е во Македонија. Е па Зоране Заев, кога веќе си тука во Македонија, редно е да одговориш- Колку чини и дали ти стоиш зад купувањето на новата семејна куќа во Грција? Дали веднаш по изборите не замина во Грција на новиот имот на плажа, како велиш „Дома си е дома“? Да потсетам, ова е дел од документот за куќата, со потпис на Бобан Заев, братучед на Зоран. Уште повеќе Зоране, редно е да кажеш, зошто со семејството отворате компании во Петрич, Благоевград, и од таму станувате акционери и косопственици во сопствените фирми? Дали со тоа се планира сокривање на семејниот капитал и со тоа и сокривање на потеклото на сиот тој имот? Зоран Заев должи одговор, како со чесна работа и плата се доаѓа до капитал вреден 8 ипол до 10 милиона евра, пет фирми во Бугарија и имоти во Грција? Притоа, имајќи го предвид судскиот документ за незаконско приклучување на струја?, прашува Стоилковски.

Тој додава дека за потсетување, Зоран и кланот Заеви во Бугарија веќе имаат најмалку 5 компании: „Ориент Груп“, „Гомасидра“, „Радиша Трејд“, а по отворањето на скандалот „Рекет“ во јавноста минатата година, ги отвораат и „Медикал 420 БГ“ и „Фарма ЕУ БГ“.

-Ова се документите на двете последни компании со потписи на братучедите на Заеви, на иста адреса како и претходните, во Петрич, соседна Бугарија. И двете последни фирми, се јавуваат како косопственици на најмалку две фирми во Македонија, а во другите фирми се јавуваат како малцински акционери. Зоран Заев до сега не одговори ниту еднаш барем дали е во состојба да го докаже потеклото на сопствениот имот и потеклото на имот на неговото семејство? А тие прозивки не само што заслужуваат, туку треба да се, и се, обврска на секој со јавна функција. Оттука Зоране, доста е молк. Доста е корупција. Доста е криминал, вели Стоилковски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.07.2020 - 12:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа