Стојанов: Создаваме нова иднина за Неготино, ќе направиме нов парк и нови рекреативни патеки

Зеленило, паркови, спортски и рекреативни содржини, уредени урбани локации во функција на вистинските потреби на граѓаните најави на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник на Општина Неготино од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Стојанов.

-Како доктор, како родител и како совесен граѓанин се обврзувам Неготино да го направам чист град, зачувана и здрава животна средина во која ќе уживаме сите заедно, од најмлад до најстар, град во кој слободно ќе ги прошетаме своите деца и внуци не плашејќи се дека истиот е загаден, град кој нуди богати рекреативни содржини, рече Стојанов.

Како што посочи, наместо депонии, фабрики за отпад и слични загадувачи, неговата понуда е зеленило, паркови, спортски и рекреативни содржини, уредени урбани локации во функција на вистинските потреби на граѓаните.

Стојанов најави изградба на голем парк кај спортската сала „Младост“, и целосна реконструкција на игралиштето позади спортскиот центар „Младост“.

Овој проект, како што рече, вклучува модерен парк со фитнес зона, патеки за велосипедизам, пешачење, трчање, возење ролери, скејт парк со рампа и теретана на отворено. Нова подлога и трева на игралиштето, пристап до игралиштето за сите, израдба на потпорен ѕид и осветлување.

Исто така, тој најави и изградба на пешачко рекреативна патека од населбата Саат Кула па се до Тимјаничка цуцка во должина од 2,5 километри со бекатон плочки и зони за одмор.

-Знаеме колку е важна рекреацијата во општина Неготино, затоа што во вечерните часови можете да видете толпа од народ како се рекреира по главната улица од почетокот до крајот на градот. Оваа нова патека ќе биде на место каде што сега нема ни прикладни тротоари за пешачење, и ќе биде од голема важност за сите нас, а најмногу за оние што живеат на овие делови од градот, додаде кандидатот за гардночалник на Неготино.

Посочи дека ќе постават два до три летниковци на различни локации низ градот со хортикултурно уредување и осветлување со соларни светилки.

-Нашите млади овде го поминуваат своето време, и затоа се обврзувам да им овозможам подобри места за дружење, одмор и рекреација. Ја барам Вашата поддршка, за да си помогнеме заедно, ликот на градот да стане слика со која заеднички ќе се гордееме. Да создадеме нова иднина, додаде Стојанов.

 

02.10.2021 - 12:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега