Студентите можат да примат вакцина против коронавирусот и во вакциналниот пункт на УКИМ
Вакционалниот пункт на УКИМ веќе втор ден им дава можност на студентите да примат вакцина против КОВИД-19. Истиот е сместен во Кампусот на општествените науки на приземјето на Економскиот факултет во Скопје, на бул. „Гоце Делчев“ бр.9. Студентите имаат можност да се вакцинираат секој работен ден, од 8:00 до 14:00 часот.
„Во него работат обучени лица, двајца доктори и две сестри од Поликлиниката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Просторот е снабден со информатичка, како и медицинска опрема согласно постојниот протокол и потребите“ – се вели во писменото соопштение на УКИМ.
Согласно направените статистики на надлежните органи, младите граѓани се оние кои во моментов се најизложени на коронавирусот и истите се главни медијатори, поради својата меѓусебна комуникација.
„Знаеме колку им се промени животот во изминатиот период со тоа што немаа социјални контакти, со тоа што не одеа во училиште и затоа и за помладите важи правилото дека само со вакцинација може да ги нормализираат целосно животите. И затоа сега ставаме акцент на промоцијата, на повикот кон помладите да се вакцинираат“- потенцираше министерот за здравство Венко Филипче во својата изјава за медиумите, најавувајќи го отворањето на овој вакцинален пункт.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа