Сугарески: Инвестираме преку 140 милиони евра во Пелагонискиот регион во изградба на патишта, гасоводот и водоводи

Капиталните инвестиции во Пелагонискиот регион се приоритет број еден.  Само во ресорот транспорт реализираме педесетина проекти или инвестиции од 146 милион евра. Завршивме со рехабилитација на петнаесетина регионални патишта, шест проекти за водоводи и канализации, а ја изградивме и пругата од Битола до Кременица, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешната посета во општина Битола. 

Тој заедно со градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, градоначалничката на општина Могила, Јасмина Гулевска и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, извршија увид во реконструкција на регионалниот пат Битола-Тополчани-Прилеп.

Министерот Сугареси потенцираше дека примарен фокус на Владата на Република Северна Македонија е подобрување на животот на граѓаните и подобрување на економијата во целина преку изградба и реконструкција на патната мрежа низ државата, гасификација на земјата, изградба на комуналната и железничката инфраструктура. 

„Денеска вршиме увид во изградба на капитални проекти што се реализираат во Пелагонискиот регион. Еден од нив е и рехабилитација на регионалниот пат Прилеп-Тополчани-Битола, инвестиција од речиси еден милион евра. Само во Пелагонија работиме на педесетина проекти и тоа: изградба на магистралниот гасовод од Неготино преку Прилеп до Битола, првата фаза од експресниот пат Градско-Дреново. Оваа недела отпочнуваме со реконструкција на постоечката делница од Фариш до Дреново и тука најавувам ќе се работи со многу силно темпо, започнавме со проектирање за изградба на експресен пат Битола-Меџитлија, ќе се рехабилитираат патишта и во Крушево, Ресен и Прилеп, во тек е проектирање за истите и уште многу други со кои ќе го подобриме животот на граѓаните”, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски. 

Реконструкцијата на регионалниот пат Битола-Тополчани-Прилеп е во должина од 15 километри, инвестиција од 960 илјади евра, средства обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта. Според директорот Китанов во наредниот период следи силен инвестициски циклус во патната инфраструктура.

„Овој пат е прв од третиот пакет патишта кои се вкупно 13 и кои на секои два дена ќе се воведуваат во работа во цела држава а се со вкупна должина од 100 километри. Она што е важно за Битола и регионот е изградбата на експресниот пат до Маџитлија и обиколница кој во моментов се проектира а исто така на Градежен факултет се наоѓа и проектот за изградба на автопат од Битола до Прилеп. Во тек е и тендер за заштитената ограда на обиколница, така да ЈП за државни патишта ги соборува сите рекорди во изградба и реконструкција на преку 500 километри патишта”, изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.  

Капиталните проекти се од огромно значење за Пелагонија бидејќи ќе го засилат економскиот развој на регионот, истакнаа градоначалниците на општините Битола и Могила.

„Подобрена е конекцијата од Битола кон Демир Хисар и кон Новаци. Денеска започнува санација на патот кон Могила. Сакам да спомнам дека санирани се патиштата кон Братин дол и Драгош. Ова потврдува колку се работи со зголемен интензитет за разлика од претходно. За нас е многу важна изградбата на експресниот пат до Меџитлија која е најавена за следната година“, изјави Наташа Петреска, градоначалничката на општина Битола. 

„Рехабилитацијата на патот Битола-Тополчани-Прилеп е од огромно значење за 6 општини и 22 илјади жители на општина Могила. Со него значително ќе се подобри руралното живеење”, изјави Јасмина Гулевска, градоначалничката на општина Могила.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.10.2019 - 13:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега