Сведок за „Тенк“: Немавме блиндирано возило, па кога се пукаше Јанкулоска ја криевме во објект

 

Поранешниот шеф на обезбедувањето на екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска како сведок во случајот “Тенк” пред судот тврдеше дека возилата за кои тој бил одговорен често се расипувале.

-Едно од тие возила е и стариот блиндиран Мерцедес од 1999 година, кој често јавуваше дефекти. Најпроблематично беше тоа возило. Откажуваа кочници, климата, амортизери и друго. Безбедноста на личностите што ги превезувавме беше загрозена, па реагиравме и побаравме од министерката да се отстранат старите возила, рече Виктор Белевски, под чија надлежност биле сите возила.

Тој раскажа и немил настан кој се случил во с. Јегуновце, кога министерката морал да ја смести во објект поради тоа што врз нив бил отворен оган од криминална банда, а тие не биле во блиндирано возило. Во објектот чекале повеќе од еден час да пристигне блиндираното возило.

„Во 2011 на средба на Јанкулоска со граѓани во општина Јегуновце имаше судир помеѓу криминална банда и МВР се најдовме во средина на тоа препукување. Морав да реагирам, но бидејќи немавме блиндирано возило, Јанкулоска ја сместивме во еден објект. Наредив што поскоро да се обезбеди блиндирано возило. Ова траеше околу еден час за да можеме да ја сместиме тогашната министерка и да се вратиме во база", сведочеше поранешниот шеф на обезбедувањето на Јанкулоска.

На рочиштето не пристигна шефот на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски, Дејан Митревски – Урко.

На минатото рочиште повеќе од пет часа исказ даваа 11 сведоци на одбраната. Тие посочија дека набавката на новиот „мерцедес“ била неопходна, бидејќи старото возило често останувало во дефект и не било безбедно за превоз на „вип“ личности.

Сведокот Данчо Петров, кој бил член на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски, рече дека стариот „мерцедес“ често се расипувал, му откажувале сопирачките, му се блокирал воланот и тоа во движење.

– Имаше една случка кога воланот на возилото се блокираше кај Американската резиденција и возачот за да запре удри во ограда од куќа при што биле искршени 3-4 столчиња. За среќа тогаш во возилото не беше премиерот, рече сведокот Петров.

На прашање од обвинителот од СЈО Стевчо Донев дали новиот „мерцедес“ бил набавен за странски делегации, Петров рече дека бил за странски делегации и дека тоа го дознал на прес-конференцијата кога бил набавен новиот „мерцедес“. Рече и дека ретко го користел Груевски евентуално кога бил во дефект стариот „мерцедес“ или, пак, за патување во соседните земји.

 

 

 

23.04.2018 - 11:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега