СЗО порача засега да не се дава трета доза вакцина, САД не прифаќаат

Белата куќа го отфрли повикот на СЗО за мораториум на третата доза на вакцина продив Ковид-19, велејќи дека Соединетите држави не треба да избираат помеѓу давање трета доза од вакцината на своите граѓани и донирање на вакцини на трети земји.

„Тоа е погрешна алтернатива“, рече Џен Псаки, портпаролка на Белата куќа, коментирајќи го повикот кој СЗО го упати претходно.

„Сметаме дека можеме да ги направиме и двете и не мора да избираме помеѓу дополнително вакцинирање на Американците, што патем уште не е официјално предвидено, и помагање на сиромашните земји“, рече таа.

Псаки потсети дека САД веќе дистрибуирале повеќе од 100 милиони дози вакцини на посиромашните земји, што е повеќе од донациите од сите други земји заедно.

Соединетите држави уште немаат донесено одлука за дополнителна вакцинација, а Германија и Израел одлучија да го сторат тоа, пред се за постарите граѓани.

СЗО во средата повика да се стави крај на ревакцинацијата со трета доза, барем до крајот на септември, за да им се дадат повеќе вакцини на посиромашните земји.

Макфакс

05.08.2021 - 11:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа