СЗО смирува: Нема потреба од масовна вакцинација за мајмунски сипаници

 

Од Светската здравствена организација осврнувајќи се на проблемот со мајмунски сипаници во неколку земји, наведуваат дека не веруваат дека епидемијата на мајмунски сипаници надвор од Африка ќе бара масовна вакцинација бидејќи мерките како што се добра хигиена и безбедно сексуално однесување ќе помогнат да се контролира ширењето, пренесуваат медиумите.

Ричард Пебоди, кој го води тимот на СЗО за патогени со висока закана за Европа, за Ројтерс изјавил дека сегашните залихи на вакцини и антивирусни лекови се релативно ограничени.

Неговите коментари следеа откога американскиот Центар за контрола и превенција на болести соопшти дека се во процес на пуштање на некои дози од вакцината „Џиннеос“ за употреба во случаи на мајмунски сипаници.

Германската влада рече дека ги проценува опциите за вакцинација, додека ОК веќе има понудено вакцини на некои здравствени работници, анализираат медиумите.

Според нив, јавните здравствени власти во Европа и Северна Америка истражуваат повеќе од 100 сомнителни и потврдени случаи на вирусната инфекција.

Примарни мерки за контрола на епидемијата се следење на контакт и изолација, рече Пебоди, истакнувајќи дека не се работи за вирус кој лесно се шири, ниту пак досега предизвикал сериозно заболување. Вакцините што се користат за борба против мајмунски сипаници може да имаат некои значајни несакани ефекти, додал тој, според Ројтерс.

Не е јасно што ја предизвикало појавата, а научниците се обидуваат да го разберат потеклото на случаите и дали нешто се променило во врска со вирусот. Нема докази дека вирусот мутирал, соопшти агенцијата на ОН претходно оваа недела.

Многу од заразените, но не сите на кои им е дијагностицирана актуелната епидемија на мајмунски сипаници биле мажи кои имале секс со мажи, покажале анализите според агенциите.

Повеќето од потврдените случаи не биле поврзани со патување во Африка, што укажува на тоа дека може да има многу неоткриени случаи, кажал Пебоди.

„Значи, го гледаме само врвот на ледениот брег“, рекол тој.

Со оглед на темпото на избувнувањето и неизвесноста за тоа што ја води, постои загриженост дека големите настани и забави ова лето би можеле да ги влошат работите, оценил тој.

„Не им велам на луѓето да не се забавуваат и да одат на разни настани, важно е што прават луѓето на забавите. Значи, станува збор за безбедно сексуално однесување, добра хигиена, редовно миење раце, сите овие работи ќе помогнат да се ограничи преносот на овој вирус“, изјавил Пибоди, пишува Ројтерс.

24.05.2022 - 10:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега