Таравари за утре најави Централно собрание на Алијансата за Албанците
Несогласувањата меѓу претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари и претседателот на партиското Централно собрание Зијадин Села продолжуваат и денеска со различните информации за тоа кога и каде ќе се одржи седница на Собранието.
Беше објавено дека Централното собрание на партијата ќе има состанок во сабота во 13 часот, но од вчера кружат информации дека состанок ќе има утре во Куманово, закажан од страна на Таравари.
Таравари за МИА изјави: „Утре во 19 часот во Куманово ќе одржам консултативен состанок со делегатите на Собранието на партијата“.
АА, пак преку партискиот мејл испрати соопштение до медиумите во кое се нагласува дека партиското собрание, согласно статутот на партијата, е закажано за в сабота во Буши ресорт во 13:00 часот, а не во Куманово.
„Дел од членовите на Собранието на Алијансата за Албанците во текот на вчерашниот ден добиле порака за средба во градот Куманово, а потоа и за средба со претседателот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари. Она што сакаме да ве известиме е дека никој не треба да подлегне на дезинформации дека се одржува партиско собрание, бидејќи како што ќе заклучите од поканата, станува збор за собир и состанок. Партиското собрание, согласно статутот на партијата, е закажано за в сабота во Буши ресорт во 13:00 часот“ - се наведува во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа