Таткото на Самоил Костадиновски не е задоволен од висината на затворските казни: „Син ми е убиен“

Таткото на исчезнатиот Самоил Костадиновски не е задоволен од пресудата за грабнувачите на неговиот син. Смета дека судот е корумпиран и вели дека се е потплатено. Тој од пред Основниот Кривичен суд-Скопје порача дека ќе се жали пред повисок суд.

-Ова е смешна казна. Не може еден човек да вреди со ваква минимална казна. Не веруваме во судот. Некого да удриш или нападнеш ќе добиеш поголема казна (затвор) од ова. Како тие за „27 април“ добија поголеми казни, а не убија никого, ниту киднапираа. Овде син ми го нема, исчезнат е, тој е убиен…Овие казни се смешни, рече Љупчо Костадиновски.

На новинарско прашање дали има нови информации за пронаоѓање на неговиот син, таткото одговори:

-Што ќе најдеш кога се е корумпирано. Полицијата ја заташка целата работа кога почна истрагата затоа што тие работеле за полиција и организиран криминал и НТШ. Обвинетите се една цела група. Така се сознанијата. Се заташка. И тој мене што ме пукаше пред домот, за да се заташка истрагата и да не излезе ништо. Не веруваме во ништо. Ова не е држава, ова е картел, истакна Љупчо Костадиновски.

За грабнувањето на Самоил Костадиновски, Виктор Милановски доби 5 години и десет месеци казна затвор, додека за помагање Саша Челичиќ, доби две години и три месеци затвор. До правосилноста на пресудата Виктор останува во затворски притвор, а Саша ќе се брани од слобода.

На 26-годишниот Самоил Костадиновски од 3 март лани му се губи секаква трага. Сите постапки на полицијата околу негово пронаоѓање не се споделуваат со јавноста и се водат како строго доверливо.

04.04.2024 - 18:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега