Европската Унија постигна договор за забрзување на депортацијата на лицата чии барања за азил се одбиени, преку воведување на прва заедничка листа на таканаречени „безбедни земји на потекло“. Договорот е резултат на преговорите меѓу владите на земјите членки и Европскиот парламент.
Според постигнатиот компромис, на заедничката листа ќе се најдат Мароко, Тунис, Египет, Косово, Колумбија, Индија и Бангладеш. Целта на мерката е да се овозможи побрза обработка на барањата за азил и поефикасно враќање на лицата чии апликации се одбиени.
Како општ принцип, за безбедни ќе се сметаат и земјите кандидати за членство во Европската Унија. Ова правило може да ги опфати, меѓу другите, Албанија, Црна Гора и Турција, јави ДПА. Сепак, предвидени се исклучоци – на пример, доколку ЕУ вовела санкции кон одредена држава или доколку таму избие вооружен конфликт.
Од Европскиот парламент информираат дека листата може да се проширува во иднина. Европската комисија ќе биде задолжена за следење на состојбите во земјите на листата и ќе може привремено да го суспендира нивниот статус доколку дојде до влошување на условите.
Листата ќе биде правно обврзувачка за сите земји членки на ЕУ. Сепак, секое барање за азил и понатаму ќе се разгледува поединечно. Апликантите од „безбедните земји“ нема автоматски да бидат депортирани, но нивните случаи ќе се обработуваат по забрзана постапка.
Германија веќе применува сопствена листа на безбедни земји со цел побрзи депортации. Од државите што се дел од новата заедничка листа на ЕУ, според германското законодавство досега како безбедни се класифицирани Косово, Албанија и Црна Гора.
Договорот постигнат денеска сè уште треба формално да биде одобрен од Европскиот парламент и од земјите членки на ЕУ, чекор што вообичаено се смета за процедурален по постигнување политички компромис.

