Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува поддршка од пратениците за измените на Законот за прекршоци и на Кривичниот законик, коишто се последните од пакетот законски измени за официјалната примена на системот „Безбеден град“, што од почетокот на месецов е во пробна функција.
Тошковски вечерва во гостување на ТВ Канал 5 рече дека останува најавата за официјален старт на „Безбеден град“ од 1 февруари, како што рече, „согласно она што го имаат досега како фид бек и процедурата што треба да помине за уште два закона, односно да се изменат Законот за прекршоци и Кривичниот законик. – За измените на Законот за прекршоци, којшто е во втора фаза во Собранието потребно е двотретинско мнозинство, а за Кривичниот законик просто мнозинство. Се надевам дека сериозноста на ова ќе биде препознаена од сите пратеници и ќе дадат поддршка за да може да почне примена на овој круцијален проект, рече Тошковски.
Тој потврди дека примената на системот ќе се пролонгира доколку Собранието не даде поддршка на Законот за прекршоци.
– Верувам дека овој закон би требало да го поддржат сите пратеници. Целта е спасување на човечки животи, истакна министерот Тошковски.

