Лидија Петкоска, пратеничка во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, гостуваше во вечерашното издание на „Топ тема“ на Телма телевизија, каде тема беа нелегални мигранти во земјава, наметната од политичката партија СДС, а за која СДС иницираше и онлајн петиција. ,,Во отсуство на креативност, во отсуство на волја за работа, се наметнува една имагинарна тема, а е нешто што не постои и за нешто што нема ниту еден солиден, аргументиран доказ“, рече Петкоска, се се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ што МИА го пренесува интегрално.
Петкоска нагласи дека СДС, како и актуелниот лидер на партијата, Венко Филипче, континуирано не успеваат да ја разберат пораката што граѓаните јасно ја испраќаат, како на парламентарните избори минатата година, така и на локалните избори годинава, и според неа, тоа е порака која значи недоверба.
,,Венко Филипче и СДС, за жал никогаш не ја сфатија пораката од граѓаните и тоа им се удри од глава на два последователни изборни процеси“, истакна Петкоска.
Петкоска се осврна и на онлајн петицијата иницирана од СДС, при што потенцираше дека за истата биле потребни 47.897 потписи, додека пак ја поддржале само 2.103 граѓани. Според неа, овој податок претставува уште еден јасен сигнал за слабата поддршка и доверба што граѓаните ја имаат кон СДС и Венко Филипче.
,,Ова е уште една порака од граѓаните, дека не му веруваат на тезата дека ќе дојдат мигранти во Република Македонија“, кажа Петкоска.

