Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска остро ги демантираше објавите во јавноста дека Трезорот на државата ќе биде затворен на 15 декември поради немање прилив и дека ќе бидат стопирани сите исплати.
„Не сме го заклучиле Трезорот… Трезорот работи. Нема простор за паника“, изјави Димитриеска-Кочоска, нагласувајќи дека ова прашање „излегло од контрола“ и дека нема логика Трезорот да се затвора кога даноците се собираат до 25-ти во месецот.
Министерката објасни дека рокот 15 декември не значи затворање на Трезорот, туку се однесува на упатство за институциите:
„Друго е рокот што сме им го дале на институциите да ги достават налозите до трезорските канцеларии. Тоа значи секоја институција да ги достави налозите до 15-ти за да може да се организираме и да се следи исплатата со 31 декември.“
Таа додаде дека налозите во Трезорот стојат по 15 дена заради дополнителни проверки, но дека налозите ќе се примаат и по 15-ти декември, доколку некој задоцни.
„Трезорот ќе си работи до 31-ви и тоа е вообичаено. Трезорот е единствениот сектор во Министерството којшто останува до седум – осум часот, имало и години до 11 часот навечер кога Трезорот работел.“
Димитриеска-Кочоска потсети дека пензиите се исплатиле навреме, иако имало шпекулации за доцнење. Таа тврди дека Буџетот е во „одлична кондиција“ и дека сите обврски ќе бидат сервисирани.
Во однос на наводите за доцнење на социјалните трансфери, таа одговорноста ја префрли на ресорните институции:
„Доколку има задоцнување, тогаш тоа е во ресорните институции при подготовка на налозите… Тогаш да проверите во рамки на самите министерства решенија што не се потпишувале од септември бидејќи сме биле во избори така што не станува збор за тоа дека Трезорот не исплатил.“
Министерката истакна дека во петокот имало исплата од три милијарди денари, од кои 2,4 милијарди се само блок дотации за образование, каде е вклучена и исплатата на К-15.
Во врска со прашањата за кратење на средствата за ретки болести, Димитриеска-Кочоска појасни дека Министерството за финансии врши само распределба на лимити:
„Секоја од институциите си добива лимит, а како ќе го распредели лимитот внатре, одлучуваат сами… Приоритетите на министрите ги одлучуваат самите тие.“

