Македонскиот етер остана без еден од своите најпрепознатливи гласови. По кратко боледување, на 75-годишна возраст почина Драган Б. Костиќ, легендарниот радио-водител и музички новинар кој со децении ја едуцираше публиката за квалитетна музика.
Тажната вест за неговото заминување ја потврдија неговите блиски пријатели и соработници.
Костиќ беше неуморен до самиот крај. Само во ноември минатата година, тој прослави половина век од култната емисија „Диско селектор“ со спектакуларниот настан „Последниот танц“ во арената „Јане Сандански“.
Роден во Скопје во 1950 година, кариерата ја градеше во Радио Скопје. Ќе остане запаметен по емисиите „Диско селектор“ која стартуваше во јуни 1974 и „Заборави ако можеш“, чие 4.500-то издание беше емитувано уште во 2013 година. Освен на радио, тој остави печат и на телевизија преку шоуто „Б со точка“ на Телма и онлајн емисијата „Кавервил“.
Погребот на Драган Б. Костиќ ќе се одржи утре (21 декември) во 12:30 часот на Градските гробишта во Бутел.

