Скопје и ова утро се разбуди во густа магла и смог, рангирајќи се на високото 20-то место во светот според загаденоста на воздухот, покажуваат податоците на светскиот сервис IQAir. Во европски рамки, состојбата е уште полоша – македонската престолнина е на второто место по загаденост на стариот континент.
Она што е нестандардно за денешните мерења е фактот што „црните рекорди“ не ги држат вообичаените мерни станици, туку најзагаден воздух дишат жителите на населбата Илинден.

Високите концентрации на ПМ честички доаѓаат само еден ден откако Министерството за животна средина објави дека е надминат прагот на алармирање и активираше итни мерки и препораки до институциите и граѓаните. Загадувањето останува децениски проблем за скопјани, кој ескалира секоја зима со почетокот на грејната сезона.

