Италијанската полиција спроведе една од најголемите операции против илегалната трговија со дрога во последно време, која резултираше со заплена на вкупно 1,4 тони наркотици. Билансот на акцијата е 384 уапсени лица.
Опсегот на истрагата е широк, па покрај уапсените, под истрага се ставени уште 655 лица. Загрижувачки е податокот дека меѓу осомничените се вклучени и 39 малолетници.
Полицијата за време на рациите пронајде и одзеде 35 килограми чист кокаин, но и повеќе од 40 парчиња огнено оружје, што укажува на сериозната вооруженост на нарко-групите.
Посебен фокус на акцијата беа продавниците за канабис. Извршени се контроли во 312 такви објекти низ целата земја. Како резултат на неправилностите, привремено се затворени пет продавници во три различни градови, а од нив се конфискувани 296 килограми производи од канабис.
Оваа акција доаѓа откако Италија во јуни го одобри безбедносниот декрет со кој се забранува т.н. „легален“ или „лесен канабис“. Со новите правила, трговијата со коноп, кој нема психоактивни ефекти, сега се третира како нелегална трговија.

