Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во вечерашното интервју во емисијата „360 степени“, најави формирање на нов тим кој ќе ја означи новата сила и новата енергија во работењето на СДСМ.
Филипче посочи дека одлуките и изборот ќе се направат на утрешниот Централен одбор на партијата. Говорејќи за процесот на формирање на новиот тим, тој потенцираше дека е клучна рамнотежата меѓу искуството и младоста.
„Тоа е тим којшто ќе означува нова сила, нова енергија, комбинација на сегашни, актуелни функционери, на искусни и на млади луѓе и други. Сигурно е дека местото ќе го задржи генералниот секретар Александар Димитријевиќ, еден од потпретседателите ќе биде кандидатот за градоначалник на Аеродром Александар Трајановски, а утре ќе ги соопштиме и другите имиња на членовите на раководството и на Извршниот одбор“, рече Филипче.
Притоа, Филипче нагласи дека ангажманот во партијата нема да зависи исклучиво од формалните функции, туку ќе се проширува, додавајќи дека СДСМ активно работи на отворање на партијата кон младите, граѓанските организации, видни интелектуалци и политички чинители, со кои заеднички ќе се градат политиките.
„Сите сакаат да придонесат во една многу интензивна партиска работа, која што ќе следи веќе непосредно после новогодишните празници, поради тоа што очигледно е дека демократијата во државата од страна на оваа власт е загрозена“, истакна Филипче.
Целта како што кажа Филипче, е државата да се извлече од сегашната состојба и да се продолжи патот на прогресот и интеграциите. Во однос на програмските определби, Филипче истакна дека програмата на СДСМ е речиси целосно подготвена.
„Предвидуваме сериозна поддршка на младите луѓе, даночни олеснувања за млади претприемачи, даночни олеснувања за ИТ секторот и прогресивно оданочување. Мора да има пари за зголемување на платите во сите сектори, вклучувајќи просечната и минималната плата. Мора да има фер зголемување на пензиите, не вака како што ги пљачкаат сега од ВМРО-ДПМНЕ и од ЗНАМ. Им ги кратат парите, таа наша најкритична категорија на граѓани“, посочи Филипче.

