Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, од собраниската говорница најави дека итно мора да започне имплементацијата на проектот „Безбеден град“, и покрај сите забелешки. Тој го искористи драматичниот просек од 145 жртви годишно во сообраќајот како аргумент за потребата од системот.
Тошковски одговараше на прашање од пратеникот Илир Хасани (Европски фронт), кој како лекар-трауматолог го поддржа проектот, но изнесе критики од граѓаните за брзината на казните (51 км/ч) и техничките недостатоци.
Министерот се согласи со критиките дека доцна се почнува, но потенцираше дека доцнењето не е неколку месеци, туку најмалку десет години во споредба со земјите-членки на ЕУ.
„Катастрофа е сега што треба да направиме, треба да почнеме и навистина очекувам поддршка од секој еден пратеник во ова Собрание… Заради тоа што во имплементацијата на овој проект нема политика… Во имплементацијата на овој проект говориме за спасување на човечки животи, кои ги губиме секојдневно најмногу во Европа“, рече Тошковски.
Тој ги изнесе и загрижувачките компаративни податоци, истакнувајќи дека Скандинавските земји имаат околу 20 жртви на милион жители, додека во Македонија просекот е околу 80 жртви на милион жители – тренд кој трае последните 15 години.
Министерот посочи дека веќе за време на тест периодот од 15-16 дена, лекарите констатирале намален број на лица со тешки телесни повреди кои учествувале во сообраќајни несреќи.
„Мора да почнеме, ќе ги решаваме сите проблеми кои ќе произлезат во иднина. Мора да почнеме, 145 жртви“, заклучи Тошковски.

