Најмалку седум лица го загубија животот при пад на мал авион во централно Мексико, додека уште три лица се водат како исчезнати, соопштија синоќа мексиканските воздухопловни власти, пренесува ДПА.
Несреќата се случила во индустриска зона во градот Толука, во близина на локалниот аеродром.
Авионот, од типот „Cessna Citation“, полетал од туристичкиот град Акапулко на Тихиот Океан и се упатил кон Толука, информира Министерството за транспорт.
Според медиумските извештаи, во авионот имало вкупно десет лица – двајца членови на екипажот и осум патници, меѓу кои и три деца.
Трагедијата е проследена со драматични детали од комуникацијата. Во последната комуникација со контролата на летање, пилотот наводно ја известил контролата со зборовите: „Се уриваме“.
Снимки од безбедносните камери ги забележале последните моменти пред падот.
Нема пријави за повредени лица на земја, но ударот на леталото предизвикал голем пожар во индустриската зона, пренесува германската агенција. Авионот удрил во работилница за поправка на камиони.
Сведоци изјавија дека пилотот во последните моменти се обидел да изврши вонредно слетување на фудбалско игралиште, пред леталото да се удри во земјата со голема брзина.
Причината за падот засега останува непозната и се истражува.

