Завршните зборови за случајот против поранешниот директор на затворот „Шутка“, Филип Андов – Сокол, ќе почекаат до 26 декември. Денешното рочиште во Основниот кривичен суд – Скопје беше одложено на барање на јавната обвинителка.
Иако со доставувањето на листите на докази заврши доказната постапка, обвинителката побара дополнително време за подготовка на завршниот збор, повикувајќи се и на итни обврски во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
„Барам одлагање заради припрема на завршен збор, воедно имам итна работа во рамките на моето постапување во ОЈО ГОКК кое не трпи одлагање“, образложи таа пред судот.

