Македонската театарска и филмска сцена денес остана посиромашна за уште едно големо име. На 66-годишна возраст почина истакнатиот актер Лазе Манасков, долгогодишен член на ансамблот на Драмски театар Скопје.
Веста за неговото заминување ја споделија неговите колеги, кои и покрај болката, одлучија вечерва да останат на сцената во негова чест.
Изведбата на претставата „Куршуми над Бродвеј“ ќе биде посветена токму на нивниот починат колега.
Манасков (Манасковски) е роден во 1959 година во Велес. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1984 година, во класата на професорот Илија Милчин. Кариерата ја започнува во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, а од 1990 година станува дел од Драмски театар Скопје.
Публиката ќе го памети по бројните улоги во култни претстави како „Тетовирани души“, „Црно семе“, „Ангели на отпад“ и „Буре барут“, но и по филмските остварувања, меѓу кои и улогата во „Среќна Нова ’49“.
„Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денес. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!“, стои во соопштението.

