Пратениците од опозициската СДСМ денеска ја напуштија собраниската седница посветена на опозициски пратенички прашања, наведувајќи ја како причина неприсутноста на министрите и несогласувањето со Резолуцијата поднесена од владејачката коалиција.
Координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, упати остра критика:
„Прво во однос на пратеничките прашања за коишто гледаме дека практично не се присутни оние на коишто треба да им се поставуваат… Значи нема цел да имате опозициски пратенички прашања, кога тие коишто треба да ги прашате не се тука, а се должни да бидат тука и да одговараат пред народното Собрание“, рече Спасовски.
Тој посочи дека побарале присуство на министрите за економија и за животна средина, но тие не се појавиле.
Спасовски ја оцени како апсолутно неприфатлива Резолуцијата на власта, која е за осуда на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција.
„Во 2025 година резолуција со која што се осудува опозицијата, апсолутно е неприфатливо. Второ, резолуција со која што ги ништите сите одлуки на владата… таа ви е ништовна одлука. И вие на основа на ништовна одлука, сакате да донесете нова одлука на Собранието“, истакна Спасовски, додавајќи дека СДСМ нема да учествува во работата на оваа седница.
Собранискиот спикер Африм Гаши ја нагласи потребата Владата да го подобри односот кон Собранието, додека Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ изрази зачуденост зошто опозицијата не го користи инструментот на пратенички прашања.
Мицевски ги отфрли критиките за Резолуцијата, нагласувајќи дека нејзина цел е осуда на манипулациите на опозицијата и потврда на политиките против нелегалната миграција.

