Советот на јавни обвинители во последен момент ја одложи денешната итна седница на која требаше да биде избран вршител на должноста (в.д.) државен јавен обвинител. Иако одлуката за тоа кој привремено ќе раководи со институцијата по оставката на Љупчо Коцевски беше најавена за 11:00 часот, седницата е презакажана за наредната недела.
Како причина за ваквиот чекор од Советот го наведоа отсуството на еден од членовите, по чиј предлог е направено одложувањето.
„Поради оправдано отсуство на еден од членовите на Советот, седницата е одложена за 22.12.2025 година (понеделник) во 11 часот“, се наведува во официјалното соопштение.
Институцијата останува без прв човек уште неколку дена, во период кога се очекува брзо решение за континуитет во работата на обвинителството.

