Велика Британија овој викенд формално ќе ја признае палестинската држава, објави весникот Тајмс.
Британскиот премиерот Кеир Стармер уште во јули предупреди дека ќе преземе акција доколку Израел не преземе чекори за ублажување на страдањата во Газа и не постигне примирје во речиси двегодишната војна со Хамас.
Израел смета дека признавањето на палестинската држава – што Франција, Канада и Австралија исто така најавија дека ќе го направат овој месец – би било награда за Хамас.
Според Тајмс, Велика Британија ќе ја објави одлуката откако американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја заврши својата посета на земјата во четврток. Британското Министерство за надворешни работи засега не даде коментар.
Во јули Трамп, кој моментално е во втора државна посета на Британија, изјави дека нема ништо против доколку Лондон се одлучи на ваков чекор. Но, оттогаш САД јасно ставија до знаење дека се противат на секоја ваква акција од страна на своите европски сојузници.
Стармер, кој е под притисок од дел од својата Лабуристичка партија да заземе поостар став кон Израел, најави дека Британија ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на Обединетите нации следната недела, доколку Израел не преземе значајни мерки за ублажување на ситуацијата во Газа.
Велика Британија одамна ја поддржува политиката на „решение со две држави“ за ставање крај на конфликтот во регионот, но досега тврдеше дека тоа може да се случи само кога ќе дојде „правото време“.