Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се овозможува експропријација, односно национализација, на неискористени станбени имоти во украинските територии окупирани од руските сили.
Според член 21 од законот, „станбените згради, становите и собите кои покажуваат знаци на напуштеност се признаваат како сопственост на Доњецката Народна Република или нејзините општини“.
Самопрогласената Доњецка Народна Република беше формирана во 2014 година од паравоени групи поддржани од Русија на дел од територијата на украинската област Доњецк. Подоцна таа беше анектирана од Русија, потсетува ДПА.
Исти или слични регулативи се применуваат и во другите украински области кои Русија ги анектираше и делумно ги окупира – Луганск, Запорожје и Херсон.
Законот предвидува можност за подоцнежна реприватизација на одземените имоти. Тие, меѓу другото, може да им бидат доделени на граѓани кои ги изгубиле своите домови како последица на украински напади, се наведува во текстот на законот.
Дополнително, локалните власти добиваат овластување ваквите имоти да ги користат и како службени резиденции за државни службеници.
Од почетокот на инвазијата наредена од Путин, милиони луѓе ја напуштија источна Украина бегајќи од војната, уништувањето и насилството. Иако дел од нив подоцна се вратија, вклучително и во окупираните подрачја, голем број останаа раселени во други делови на Украина или во странство.
Токму овие луѓе, кои при бегството ги оставија своите често приватно поседувани домови, директно се погодени од новата регулатива.

