Демократската унија за интеграција го смета за неприфатлив и опасен популистичкиот јазик и празните напади на премиерот Христијан Мицкоски кон ДУИ и нејзините претставници, се наведува во денешното соопштение на партијата.
„Наместо да се занимава со неисполнетите ветувања на неговата влада и со скандалите кои ја оптоваруваат актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот избира да ја дезориентира јавноста со празни и неосновани обвинувања.
ДУИ била и останува главната сила која обезбеди политичка стабилност, членство во НАТО, започнување на преговорите со Европската Унија и изградба на стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави. Наместо да ги почитува овие достигнувања, Мицкоски продолжува со раздорна реторика и со постојани обиди за криминализирање на Албанците и нивните политички претставници, спроведувајќи политики кои наликуваат на оние од крајот на 80-тите години, кога тогашниот систем промовираше права за сите преку „чесни“ претставници без легитимитет, а особено за Албанците.
Што се однесува до обвинувањата за „кривични пријави“ против функционери на ДУИ, му напомнуваме на премиерот дека одговорноста за правдата не се мери со политички говори, туку со процес на ветинг. ДУИ беше првата и единствена партија која официјално побара од редовното обвинителство и од тогашното специјално јавно обвинителство да се испита секој нејзин функционер. ДУИ е првата и единствена партија која побара целосен и непристрасен ветинг за судиите, обвинителите и за сите јавни функционери, вклучувајќи ги и политичарите. ДУИ и понатаму бара истрага за потеклото на имотот на политичарите од сите партии. ДУИ бара и истрага за процесот на приватизација во земјата. Да има истрага и за дејствувањето на органите на државната безбедност и за функционерите во тајните служби кои работеле од 1945 година наваму, како ОЗНА, УДБ-а, СДБ, ДБК, УБК, АНБ. Ова е предлогот на ДУИ – прифатете го. Ветингот е единствениот начин да се стави крај на оваа дебата и да се обезбеди еднаквост пред законот.
ДУИ го повикува премиерот да престане со јазик на неосновани обвинувања и да се врати кон реалните одговорности што ги има пред граѓаните: подобрување на економската состојба, борба против корупцијата во институциите што тој ги раководи и обезбедување законот да важи еднакво за сите.
Никаква пропаганда и никакво празно обвинување не може да го скрие фактот дека граѓаните денес живеат со повеќе несигурност, со помалку достоинство и со помалку надеж за иднината поради лошото владеење.
Демократската Унија за Интеграција останува цврсто решена да се бори против дискриминацијата, да го заштити националниот интерес, да обезбеди владеење на правото и да го унапреди патот кон европска и евроатлантска интеграција“, стои во соопштението од ДУИ.