Земјоделците од северниот дел на Грција кои веќе 16 дена нивните трактори ги имаат паркирано на граничниот премин Евзони, попладнево повторно ја блокираа границата за сообраќај на сите возила на влез и излез од Грција кон нашата земја во периодот од 18 до 22 часот по локално време, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, за вечерва планирана е блокада и на граничниот премин Ники (Меџитлија) од 19 до 23 часот по локално време, а ќе се однесува само на товарните возила.
Блокади има и на другите гранични премини, на Кипи кон Турција, каде што не е дозволен сообраќај на камиони, додека пак на Промахонас кон Бугарија, земјоделците попладнево ја затворија границата за товарни возила, на неодредено време, со што, според државната телевизија ЕРТ, и на грчка и на бугарска страна веќе има километарски колони од камиони.
Во текот на утрешниот ден, земјоделците ќе одржат нов состанок за да ги одредат нивните следни чекори.

