Општина Гази Баба рано утрово започна со акција за рушење на бесправно изграден објект во населбата Инџиково. Според информациите од градоначалникот Бобан Стефковски, акцијата започнала во 05:00 часот, по претходна координација со МВР.
Се работи за објект во карабина фаза кој имал намера да се надградува, и покрај претходните забрани од надлежните служби.
„Во моментот на акцијата, објектот беше во приземје – карабина фаза, со јасна намера за надградба на уште еден кат. И покрај донесеното решение од градежниот инспектор за стопирање на градбата и затворање на градилиштето, субјектот не постапил по решението и продолжил со градежни активности“, информираше Стефковски.
Градоначалникот упати апел до граѓаните да не започнуваат градби без потребната документација, нагласувајќи дека законот ќе важи еднакво за сите.

