Тензично спроти поранешен Саем: Повратници од Авганистан во принуден државен карантин, тврдат дека сите се тестирани и негативни
Македонски државјани кои се вратиле од Авганистан се задржани на паркинг спроти поранешниот саем во Скопје, а надлежните им рекле дека ќе мора да одат во државен карантин.
Како што јави Сител, ситуацијата на терен е тензична бидејќи припадниците безбедносните служби ги чуваат двата автобуси, а пристигнати се и семејствата на повратниците. Тие повеќе од четири часа се оставени без вода и без храна во автобусите.
Според семејствата, сите се тестирани во американска база во Авганистан и се негативни, а оние кои на тестот излегле позитивни воопшто не им било дозволено да патуваат назад.
Сепак, од Министерството за здравство за МИА велат дека дел од нив се позитивни.
– Македонски државјани се пристигнати од Авганистан. По добиени информации дел од нив се позитивни. Поради безбедност на граѓаните, во консултација со Комисијата за заразни болести и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, вечерва ќе бидат во карантин, а утре епидемиолог ќе одлучи што понатаму, наведоа од Министерството за здравство.
Засега нема официјален став од Министерството за внатрешни работи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа