Тетовец измамил неколку луѓе: Им јавувал дека блиски и загинале во сообраќајка, па им барал пари

Полициски службеници од СВР Тетово вчера  околу 13:50 часот на улицата „Никола Тесла“ во Тетово го лишиле од слобода 44-годишниот тетовец Р.М., поради сомнение дека сторил продолжено кривично дело „измама“ за што денеска му е поднесена соодветна кривична пријава до тетовското ОЈО.

Како што информира МВР, Р.М. се сомничи  дека во јануари, март и април годинава со лажно прикажување на факти измамил лице од Охрид и двајца српски државјани и противправно се стекнал со вкупна имотна корист од 2.210 евра.

– На оштетените телефонски или преку пораки им се јавувал дека нивни блиски загинале во сообраќајни несреќи и дека преку друго лице треба да му испратат пари за транспортни или други трошоци, соопшти МВР.

Р.М. и претходно бил кривично пријавуван и на идентичен начин досега вкупно измамил четириесетина лица од нашата земја и од Косово, Србија и Албанија. Тој денеска ќе биде изведен пред судија во претходна постапка на Основниот суд Тетово. 

23.06.2021 - 11:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега