Тошковски на Светскиот полициски самит во Дубаи: Македонија е важен фактор за регионалната безбедност
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во рамки на посетата на Обединетите Арапски Емирати, учествувал на Светскиот полициски самит во Дубаи – глобална платформа за безбедносна соработка, технолошки иновации и иднината во полициското работење, која обединува полициски лидери и експерти од над 100 држави.
На самитот, како што објави на неговиот фејсбук профил министерот Тошковски, во неговото обраќање, дал осврт на улогата на Македонија како стратешки позиционирана држава на Балканот – мала по димензии, но голема по значење кога станува збор за регионалната стабилност и европската безбедност.
- Говорев за нашите искуства со управувањето со мигрантската криза, справувањето со трговијата со дрога и организираниот криминал, како и за нашата оперативна соработка со НАТО, ЕУ и другите меѓународни партнери. Истакнав дека Македонија, и покрај ограничените ресурси, покажа способност да даде реален и мерлив придонес во справување со транснационални безбедносни закани, напиша Тошковски на фејсбук.
На маргините на самитот, министерот Тошковски остварил значајна билатерална средба со шефот на Полицијата на Дубаи, Абдула Калифа Ал Мари, на која се заблагодарил за можноста нашата држава да биде дел од ваков стратешки форум.
- Договоривме интензивирање на соработката на техничко ниво помеѓу двете институции, со акцент на размена на знаење и искуства, особено во делот на дигиталната трансформација и имплементацијата на алатки базирани на вештачка интелигенција во полициското работење. Учеството на ваков самит не е симболично, тоа е реална можност за вмрежување со колеги од цел свет, за споделување добри практики и креирање партнерства кои водат до поефикасни, побрзи и покоординирани одговори на современите безбедносни предизвици. Македонија останува посветен и одговорен актер во справувањето со безбедносните предизвици од меѓународен карактер, со јасна определба за продлабочување на меѓународната соработка и примена на иновативни алатки во насока на унапредување на безбедноста на државата и граѓаните, напиша Тошковски на Фејсбук.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа