Традиционално ќе биде откинато првото преспанско јаболко

Со симболично откинување на првото јаболко во рамките на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ денеска официјално почнува годинашната берба на Преспанското јаболко.
 
На почетокот на бербата, што традиционално почнува на големиот христијански празник Крстовден, покрај градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски ќе присуствува и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски. Годинашниот род
на преспанко јаболко се очекува да надмине 100.000 тона.
 
На манифестацијата ќе биде промовирана и новата игра, која на корисниците на Фејсбук ќе им овозможи одгледување јаболка со примена на најсовремените агро-еколошки методи. Развојот на играта е во тек, а денеска десет млади од Ресен ќе се натпреваруваат и ќе им дадат можност на експертите да ја направат уште подобра и поинтересна.
 
Играта, како што информира општина Ресен, ја создале македонски агрономи и стручњаци од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје, заедно со група фармери од Преспа во која корисниците на Фејсбук од целиот свет ќе можат да создаваат свои полиња со јаболка, да ги одгледуваат, заштитуваат од штетници, да ги продаваат, односно да го минуваат целиот процес кој преспанските овоштари го прават секоја година, произведувајќи го познатото преспанско јаболко. Идејата произлезе од проектот на УНДП за заштита на Преспанското езеро, финасиран од швајцарската влада, кој преку игра сака да овозможи преспанските овоштари да ги научат најсовремените мерки за одгледување овошје, и со тоа да придонесат кон заштитата на еколошки чуствителниот преспански регион. Играта ги наградува играчите кои со минимални количини на хемикалии ќе добијат поголем род, а ги казнува оние кои трошат непотребно големи количини на заштитни средства, ѓубрива и вода, со што ја загадуваат околината. 
 
Ресенчани и гостите на „Преспанскиот јаболкобер“ ќе може да предложат и официјално име за играта, која наскоро ќе биде достапна за играчите од целиот свет, и ќе биде пример како новите технологии овозможуваат и преку игра и забава да се придонесе кон развојот и кон заштитата на животната средина.
 
Во рамките на манифестацијата на Градскиот плоштад во Ресен ќе се одржи саемска манифестација каде ќе биде изложена механизација, алати и заштитни препарати поврзани со овоштарството, како и производи од јаболка. Паралелно предвидена е и тркалезна маса на тема „Интегрална заштита и современи методи на заштита во производството на јаболкото“. Завршниот дел од „Преспанскиот јаболкобер 2015“ е резервиран за македонски поп ѕвезди, кога ќе настапат Ламбе Алабаковски, Дарко Илиевски, Влатко Лозановски, Дани Димитровска и Каролина Гочева.
 

 

Оцени ја веста

27.09.2015 - 10:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега