Трајанов: Земјата треба да биде една изборна единица

Наша цврста определба е дека Парламентот мора да донесе законски измени во Изборниот законик, со цел земјата да биде една изборна единица. Тоа е основа за демократизација на земјата и демонтажа на сегашниот партиски систем во нашата држава, истакна вечерва пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов при гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.

Тој нагласи дека декларативно 33-34 пратеници се за измени во Изборниот законик и земјава да биде една изборна единица.

– Деновиве се водат такви разговори и ќе видиме кога ќе одлучиме да го пуштиме законот во собраниска процедура и ќе видиме колку ќе бидат предлагачи. Така што притисокот ќе биде голем од партиите да не се иницира носење на таков закон. Ако успееме да се договориме, декларативно и СДСМ до сега се залага за една изборна единица, тогаш мислам дека нема да има пречки. Колку што сум во тек има некои разговори помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу менување на концептот, но сето тоа се развлекува. Засега нема цврста определба кај овие две партии затоа што тие никогаш досега не биле на избори самостојно, потенцираше Трајанов.

На прашањето околу тоа дали ќе има промени на парламентарното мнозинство, тој посочи дека ДС не е со СДСМ за да го поддржуваат во сите негови проекти, идеи и ставови што ги има.

– Ние сме самостојна автентична политичка партија Демократски сојуз и од тоа ние не отстапуваме, од нашите ставови, независно како и на кој начин ќе се одвива соработката. Берзата во Парламетот се обидуваат да ја отворат и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Мислам дека парламентарното мнозинство засега е стабилно и доколку настанат одредени проблеми тоа може да биде основа за предвремени парламентарни избори, а никако за формирање на ново парламентарно мнозинство. Мислам дека таков амбиент за ново парламентарно мнозинство нема во Собранието, рече Трајанов.

Во однос на тоа дали ќе има предвремени парламентарни избори, тој посочи дека има некои критични моменти.

– Мислам дека клучна е состојбата во ДУИ, таму се погласно се разговара дека има неколку пратеници што не се сложуваат со генералната политика на партијата или со кадровските решенија. Тоа јавно го презентираат. Како ќе се смири тој процес што таму вирее не знам. Но, за секој случај засега Владата има поддршка од 62 пратеника, наведе Трајанов.

На прашањето дали се можни премини на пратеници од една во друга партија, Трајанов нагласи дека ниту некој иницирал, ниту тој разговарал околу таква можност.

– Не поддржувам бегање од една партија во друга. Тие што отишле во една групација треба до крај да останат, заклучи Трајановски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.02.2021 - 20:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега