Трамп: „Барав помал број тестирања на коронавирус, имаме премногу случаи”

Американскиот претседател Доналд Трамп, на првиот предизборен митинг во Тулса, Оклахома, обелоденил дека им кажал на неговите службеници да го намалат обемот на тестирања на коронавирус поради порастот на бројот на случаи во САД, и употребил расистички термин за Ковид-19.

„Знаете, тестирањето е меч со две острици. Кога масовно тестирате, ќе пронајдете повеќе заразени. Затоа им реков на моите луѓе: ‘Ве молам, забавете со тестирањето’”, изјавил Трамп на вчерашниот собир. 

Неименуван претставник на Белата куќа подоцна изјавил за “CNN” дека “претседателот очигледно се шегувал”. Како што пренесува овој медиум, Трамп во текот на говорот употребил израз кој алудира на тоа дека коронавирусот потекнува од Кина. Објаснувајќи дека вирусот има повеќе имиња од било која друга болест, тој го споменал изразот “kung flu” (кунг грип) што означува грип кој потекнува од земјата на кунг-футо.

Американскиот претседател се осврнал и на антирасистичките протести ширум земјата, критикувајќи го новиот тренд на рушење на статуи на личности од колонијалната ера.

„Лудачката левичарска толпа се обидува да ја вандализира нашата историја, да ги уништи нашите споменици, нашите прекрасни споменици, да ги руши статуите и да го казнува, неутрализира и мачи секој кој не се покорува на нивните барања за тотална контрола. Ние не се покоруваме”, порачал Трамп.

Американските медиуми посочуваат дека митингот на Трамп бил одржан и покрај предупредувањата дека претставува здравствен ризик, бидејќи требало да биде еден од најголемите собири во затворен простор за време на пандемијата на коронавирус. Но, во салата со 19.000 места имало илјадници празни столици, а непосредно пред собирот било соопштено дека во штабот на претседателската кампања има шест случаи на коронавирус.

Трамп се обидел да го објасни малиот број на луѓе, обвинувајќи ги медиумите кои повикувале “да не се доаѓа, да не се оди, да не се прави ништо” и додал дека демонстрантите на улица “прават лоши работи”, иако протестите пред центарот во кој се одржувал митингот биле мирни.

Претседателот, што не е својствено за него, признал и дека говорот пред полупразната арена не бил негов најдобар говор.

„Засега сум просечен”, оценил Трамп.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.06.2020 - 15:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега