Трамп не бирал зборови: Во тајност се чува извештај за навредите што американскиот претседател ги упатил кон Меркел и Тереза Меј

 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, наводно користел многу груби зборови во телефонските разговори и ги навредувал своите колеги од светската политичка сцена, пренесува Си-ен-ен.

Според „Спутник“, Трамп не бирал зборови за време на доверливите телефонски разговори, па така тој ја нарекол германската канцеларка, Ангела Меркел, „глупава“ и тврдел дека е под влијание на Русија, а за поранешната британска премиерка Тереза ​​Меј рекол дека е „гуска“ без став за брегзит.

„Некои од работите што ги кажа за Ангела Меркел се едноставно неверојатни: тој ја нарече ‘глупава’ и ја обвини дека е под влијание на Русија. Тој е најсуров во телефонските разговори со оние кои ги смета за слаби водачи, а најблаг е за оние кон кои треба да покаже најцврст став“, наведува извор на Си-ен-ен.

Анонимен германски претставник потврдил дека разговорите се толку невообичаени што во Берлин се преземаат мерки за да се сочува  нивната содржина во тајност.

Истиот извор го опишал Трамп како многу агресивен, поради што кругот на луѓето кои учествуваат во следењето на телефонските разговори на Меркел бил стеснет.

Според изворите, понижувачки и навредливи биле и разговорите на Трамп со Тереза ​​Меј, на која американскиот претседател, меѓу другото, ѝ велел дека нема цврст став за прашањата за брегзит, НАТО и имиграцијата.

За време на телефонските разговори, Трамп со потсмев зборувал и за други лидери од западниот свет, како претседателот на Франција, Емануел Макрон, премиерот на Канада, Џастин Трудо, и премиерот на Австралија, Скот Морисон.

Од друга страна, влијателните светски лидери, како рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, често го фалеле Трамп за време на телефонските разговори, поради што високи американски официјални претставници сметаат дека Трамп ја загрозува националната безбедност на земјата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.06.2020 - 12:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега