Тренчевска: Заложба на Владата е минималната плата да се зголеми на 18.000 денари

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека попладнево е остварена средба меѓу министерката Јованка Тренчевска и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски на која се разговарало за зголемувањето на минималната плата.

Министерката, како што се посочува во соопштението, истакнала дека заложбата на Владата е зголемување на минималната плата на 18.000 денари што е можно побрзо во текот на оваа година и дека социјалниот дијалог со сите засегнати страни продолжува со цел да се изнајде најодржливото решение за сите отворени прашања.

– Порастот на минималната плата ќе продолжи во текот на целиот мандат и до крајот ќе изнесува 20.000 денари. Како Влада и како Министерство постојано работиме на унапредување на работничкиот статус. Го цениме трудот на работниците особено во услови на светска економска и здравствена криза и токму затоа согледувајќи ја економската состојбата на граѓаните, покачувањето на минималната плата е и повеќе од потребно.  Затоа мора да има такво покачување, особено ако се знае дека тие предизвикуваат и спирално зголемување на сите плати и во приватниот и во јавниот сектор, рекла Тренчевска.

На средбата станало збор и за правото на регрес за годишен одмор за јавниот сектор при што Тренчевска посочила дека Владата е отворена и подготвена на дијалог преку кој ќе се дојде до најсоодветно решение.

Министерката информирала дека денешната средба што требаше да се одржи во Владата со претставниците на ССМ е одложена поради отсуството на владините функционери, кои се во посета на Софија каде утре ќе се одржи меѓувладината седница со бугарската Влада.

Од Сојузот на синдикати на Македонија, чие раководство денеска требаше да се сретне со владини претставници за да разговара за зголемувањето на минималната плата, по одложувањето на средбата најавија дека во петок ќе го свикаат Претседателството  и Советот на синдикатот со цел активирање на штрајкувачките одбори и утврдување дата за подготовки за штрајк.

24.01.2022 - 20:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа