Триесетина од повредените во хоророт во „Пулс" на рехабилитација во болницата во Кочани

 

Во Кочанската болница во тек е процесот на рехабилитација на дел од повредените во големиот пожар во дискотеката Пулс во Кочани, кој избувна на 16. Март и однесе 62 животи.

- „Даваме третмани на три категории пациенти, тоа се младите со нагмечувања со повреди на мускулите, со изгореници и со потешкотии при дишењето, сите настанати од пожарот во дискотеката. Тие се распоредени на Одделенијата за неврологија, на специјално подготвена сала со реквизити и на Оддел на хирургија. Со нив работат физиотерапевти и тројца доктори физијатри. Нивната здравствена состојба е стабилна“,  вели Кристина Серафимова, директорка на Општата болница Кочани.

Сите пациенти кои ќе се враќаат од лекување ќе бидат примени, а во функција е ставена и хипербарната комора, која е добиена како донација со помош на иницијативата „Супорт Кочани“. 

- „Хипербаричната кислородна терапија преку концентрираниот кислород под зголемен притисок, во хипербарната капсула, овозможува кислородот преку кожата да навлегува во ткивото, а од друга страна преку зголемениот притисок во кој се самите пациенти, овозможува чистиот кислород да навлегува поинтензивно во крвта и на тој начин комплетно да ја менува концентрацијата на кислород во телото. Еден час во хипербарична комора заменува 7-10 дена престој на планина на височина од 1.500 до 2.000 метри“, рече Серафимова.

02.05.2025 - 11:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега