Уапсен маж во Скопје: Се расправал со членовите на избирачкиот одбор
По отворањето на гласачките места досега е регистрирано едно нарушување на јавниот ред и мир во Скопје на избирачкото место во ОУ „Петар Поп Арсов“, кога лицето В.Ш. (47) го нарушил јавниот ред и мир со тоа што започнал расправија со претставници од избирачкиот одбор, а во еден момент ја потегнал за чантата претставничката во ИО, а потоа со мобилен телефон ја фотографирал просторијата, информираше денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Лицето е лишево од слобода, известен е јавен обвинител за добивање понатамошни насоки.
Ангеловски истакна дека гласањето на другите избирачки места се одвива мирно, со почитување на протоколите за гласање, а од неправилности што се пријавени во МВР, има неколку случаи на агитирање, носење гласачи на гласање, испишани графити на избирачки места, како и неколку пријави за наводно нудење пари за глас.
– Ова се добиени пријави по кои постапува МВР и откако ќе се утврдат фактите, соодветно ќе ја информираме јавноста, нагласи портпаролот на МВР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа