Учебници за странски јазици од 1 септември – министерката Јаневска го реши долгогодишниот проблем
Министерката за образование и наука потврди дека од 1 септември ќе ги има учебниците по странски јазик кои подолго време недостигаа во наставата.
-Со огромно задоволство – да, ќе има, одговори Јаневска на прашањето дали учениците ќе имаат учебници во новата учебна година и соопшти дека се донесени одлуки/ одобрени се за англиски и за германски јазик од прво до деветто одделение.
Ги покажа првите примероци и соопшти дека до петок ќе има и за останатите јазици, француски и италијански, како што рече „по многу години недостиг на учебници по странски јазици“.
-Процедурата тече и јас сум длабоко убедена дека на 1 септември ние ќе ги имаме сите учебници, истакна Јаневска на прес-конференција која беше посветена на воведување на вештачката интелигенција во средното образование.
На новинарско прашање министерката одговори дека заедно со Државниот испитен центар (ДИЦ) МОН ќе ја објави средната (просечна) оценка од успехот на матурантите на тестовите од двата екстерни испита од државната матура, кои ги полагаа на 31 мај и 11 јуни.
-Колку што сум запознаена од директорката на ДИЦ, сѐ уште се прават анализите кои се обемни. Јас претпоставувам дека тие средната оценка ја имаат, но е придружена со анализи за училиштата, наставните предмети итн. и верувам дека во најскоро време и тоа ќе биде готово и ќе го соопштиме, додаде Јаневска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа