Уште две кривични пријави за лица од Кочани кои не ја почитувале домашната изолација

 

Поднесени се кривични пријави за уште две лица од Кочани за непочитување на мерката за самоизолација, со што досега за вкупно седум е покрената казнена мерка пред Основното јавно обвинителство.

Според информациите од општинскиот Кризен штаб, и двете лица при влез во државата на граничните премини потпишале изјава дека ќе бидат во самоизолација, но по неколкуте проверки, полициски службеници не ги нашле во нивните домови, по што им е поднесена пријава.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев повика да се почитува мерката на Владата со која се забранува собирање во група на повеќе од пет лица во паркови и на други јавни места и површини.

– Од сопствениците на кафематите што се поставени на повеќе локации низ градот бараме истите да ги затворат за да се избегне можноста за собирање луѓе во поголеми групи. Овој повик се однесува и на таканаречените маалски продавници кои едновремено се користат и како места за консумирање пијалаци и собиралишта на луѓето. Поголем број од граѓаните на Кочани ги почитуваат препораките за превенција, за што потврда е намалената фреквенција на луѓе и сообраќај. Сепак, за минимизирање на можностите за ширење на коронавирусот треба да се избегнува групирањето на најфреквентните локации во Кочани, практика од која дел од жителите никако не се одрекуваат. Пред сѐ, станува збор за Плоштадот и Градскиот парк, а забележани се активности од поголем обем и на неколку рекреативни терени во градот, истакна градоначалникот Илијев.

Кон препораките и мерките за заштита од коронавирусот се придржуваат и свештениците од православниот храм „Св. Вмч. Георгиј“ од Кочани, при што ги информираат верниците дека ќе биде изоставен традиционалниот водосвет за Велигден.

Комуналните служби во Кочани продолжуваат со редовна дезинфекција на јавните површини, а Мобилниот сервис за домашна посета и службите за социјална заштита од Општина Кочани постапуваат советодавно кон граѓаните кои бараат помош и ги опслужуваат болните, старите и изнемоштените лица за набавка за храна и лекови.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.03.2020 - 11:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега