Уставен ќе ја разгледува иницијативата на Данела Арсовска
Уставниот суд денеска ќе расправа по иницијативата на Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, која ја оспорува одлуката за донесување на ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров, наведувајќи дека е спротивна на уставниот принцип на владеењето на правото.
Во иницијативата се наведува дека завршната одредба од оспорената одлука за донесување на ДУП во која е уредено дека стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Ѓорче Петров, е спротивна на уставниот принцип на владеењето на правото и на одредбите од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Ѓорче Петров од причина што Уставот определува објавување на прописот како услов за влегување во сила. Меѓу другото, се наведува дека оспорената одлука не е објавена на веб-страницата на Општината што ја прави формално-правно невалидна и спротивна на Законот за урбанистичко планирање.
Според подносителот на иницијативата, донесениот ДУП поради непочитување на законската постапка и неприфаќањето на мислењата од стручните лица, како и без позитивно мислење од Град Скопје не е во согласност со ГУП на Град Скопје 2012-2022 при што реализација на истиот може да предизвика еколошка и безбедносна закана за жителите на град Скопје.
Понатаму се наведува дека оспорениот ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров има промена на намена и регулација со што не е во согласност со процедурите и законите и предвидува изградба на 2 проценти повеќе од максимално дозволеното со закон.
Оттука, подносителот смета дека со предимензионирањето на висините на градбите и додавање на производни капацитети од хемиската индустрија загрозена е една од темелните вредности на Уставот – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Меѓу другите иницијативи на дневниот ред од 11. седница Оливер Давидовски од Скопје ја оспорува законитоста на член 13 став 2 од Законот за извршување, тврдејќи дека е спротивен на владеењето на правото и правната сигурност. Здравко Тумбовски ги оспорува членови 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување, наведувајќи дека го ограничуваат правото на пензионерите и се спротивни на Уставот.
Ѓорѓи Андов го оспорува членот кој предвидува дека каматата престанува да тече кога ќе го достигне износот на главнината, тврдејќи дека е спротивен на уставно гарантираното право на сопственост.
Игорчо Точев го оспорува делот од Законот за градежни производи кој упатува на примена на одредба која не е дел од правниот промет во Република Северна Македонија. Точев ја оспорува и одредбата од Општиот колективен договор за јавниот сектор, тврдејќи дека предизвикува правна несигурност.
Филип Стојковски ја оспорува листата на стоматолошки услуги со минимални цени, тврдејќи дека е спротивна на членот 9 од Уставот кој предвидува еднаквост на сите граѓани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа