„Ве молам помогнете ми, децата ми се во Пефкохори“ - загрижени родители си ги бараат најмилите во Грција

Голем број загрижени родители чии деца се наоѓаат на грчките летувалишта, од синоќа на друштвените мрежи молат за информации за ситуацијата на местата во кои им се децата, бидејќи телефоните не работат, а и интернет врските прекинуваат.

-Ве молам за информација, децата ни се во камп во Неа Фокеа. Немаме никакви вести и телефоните не работат. Знае ли некој какво била ситуацијата таму синоќа - пишува на социјалните мрежи мајка од Србија.

Друга на Фејсбук бара информации за ситуацијата на Пефкохори.

-Децата ми се таму, а врските се прекинати, ве молам помогнете ми - напишала таа на Фејсбук, пренесува „Србија денес“.

Никој од српските туристи засега не го контактирал конзулатот на Србија во Солун, после невремето кое го погоди грчкиот полуостров Халкидики.

До овој момент нема информации за настрадани државјани на Македонија во невремето што го зафати поширокиот грчки регион Халкидики, потврдија за МИА од МНР.

Засега ниеден македонски државјанин не пријавил ниту штета од невремето. Во тек се дополнителни проверки од страна на надлежните институции.

Во невремето што го погоди Халкидики, една најпосетуваните летни дестинации на македонските туристи, животот го загубија најмалку шест лица, меѓу кои и две деца. Едно лице се води како исчезнато, десетици се повредени, причинета е голема материјална штета и има прекин на снабдувањето со електрична енергија, јави дописничката на МИА од Атина.

Жртвите од невремето се туристи од Романија, Чешка и Русија кои биле во близина на првиот крак, додека, пак, од вчера попладне еден рибар се води како исчезнат.

Повредените се пренесени во неколку болници на Халкидики и во Солун, а една жена е хоспитализирана на интензивна нега. Неофицијално, меѓу повредените има и деца.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.07.2019 - 16:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега