Велјановски: Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, уставни измени под бугарски диктат нема да има
Целиот систем е заглавен во корупција, криминал и се гледа дека има големи проблеми во општеството. Власта се фокусира за уставните измени затоа што за нив претставуваат сламка за спас од сите проблеми во моментов, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски во „Студио 10“ на ТВ24.
- ВМРО-ДПМНЕ има конзистентен став и јасно и гласно кажуваме дека нема да има уставни измени под бугарски диктат, затоа што и покрај нашите залагања и апелирања да не се оди на потпишување на еден таков договор, а потоа и прифаќање во целост на предлогот од страна на Франција, власта одлучи да го прифати и да прифати обврска да ја исполни во која не беше вклучена опозицијата, потенцираше Велјановски.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е со став за заштита на националните интереси, на македонскиот народ, културата, јазикот и историјата, а во моментов нема гаранции дека во иднина Бугарија или некој друг нема да не блокира повторно со наметнување на нереални барања кои не се дел од Копенхашките критериуми.
- Во врска со германската Резолуција, сите напори кои ги прават нашите пријатели од ЕУ и кои одат во насока на потврда на македонскиот јазик, идентитет, историја се добри. Сепак предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е конкретен, да се формира влада која ќе побара од од највисоките институции на ЕУ, како што е Европскиот Совет, цврсти гаранции дека нема повеќе да има блокади. Македонскиот народ не заслужува да биде надвор од ЕУ, од 2005 сме во чекалната и овој народ направи многу, даде жртви. Сега е моментот кога ЕУ треба да подаде рака и да ги даде тие потребни гаранции, рече Велјановски.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ зборува за повисоко ниво на гарантирање на она што значи пат на Македонија кон ЕУ, без блокади кои се нерационални и неразумни кои произлегуваат од историски и идентитетски прашања.
- Се соочуваме со нереален, измислен проблем со Бугарија и не гледаме крај на нивните барања. Затоа ги понудивме двата предлози за деблокада на евроинтегративниот пат на Македонија, нагласи Велјановски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа