(ВИДЕО) 81 година од холокаустот на македонските Евреи

„Никогаш да не се повтори“ е денешната порака од централната комеморативна активност, со која се бележи 81 година од холокаустот на македонските Евреи.

 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип на денешен ден во 1943 година, од тогашната бугарска фашистичка власт биле депортирани во логорот во Треблинка, од каде никогаш не се вратиле.

Свежо цвеќе пред споменикот во скопскиот монопол положија претседателот на Еврејската заедница, израелската амбасадорка во земјата, Пендаровски, Џафери, како и претставници од Владата.

Бројни делегации оддадоа почит и на Могилата на депортираните Евреи од Македоникја, како и на споменикот на паднатите борци од НОБ на Градските гробишта „Бутел“.

Во меѓувреме, екс премиерот на Бугарија, Бојко Борисов порача дека се гордее со Бугарија што ги спасила бугарските Евреи, а Бог да ги прости 11.343 Евреи од Грција и Македонија кои беа однесени во логорот на смртта.

„Денес, кога повеќе од кога било имаме потреба од лекција по родољубие, се сеќаваме на подвигот на Бугарската православна црква, на политичарите, јавните личности, интелектуалците и обичните граѓани, кои не дозволија да бидат испратени во смрт нивните сонародници Евреи. Настаните од март 1943 година одекнуваат до денес во светската меморија, потсетувајќи дерка има надеж дури и во најцрниот мрак, сè додека обединувањето се бара и се наоѓа во името на една повисока кауза“, напиша Борисов на Фејсбук.

Опозицискиот лидер Мицкоски денеска порача дека заштитата и признавањето на човековите права е основата за взаемно почитување и напредок на општеството кое мораме да го имаме.

Во Македонија,  комеморативната програма започна пред два дена. Освен во Скопје, предвидени се активности и во Битола, и во Штип.

11.03.2024 - 18:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега