(ВИДЕО) Каевски: Пред Мицкоски е одлуката, да ја поддржи европската иднина или да го следи патот на Груевски

„По 17 години чекање, нашата држава ги започна преговорите за членство во ЕУ, го спроведува успешно скрининг процесот кој наскоро ќе финишира. Имаме историска шанса, со силна поддршка од ЕУ и САД, да го продолжиме европскиот пат и да реализираме уште една стратешка цел: полноправно членство во ЕУ“. Овие пораки ги испрати портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски на денешната прес-конференција.
 
Тој рече дека одговорност пред граѓаните и иднината на земјата имаат сите 120 пратеници и политичките партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ.
 
„Изборот е интеграција во ЕУ или изолација. Нема друга опција ниту шанса да добиеме подобар договор од овој што го имаме.
А видоа граѓаните како изгледа изолација од 2006 до 2016 година, заробена држава без перспектива, режим, уназадена земјата која не напредува.
 
Христијан Мицкоски стои пред одлука: дали ќе ја поддржи македонската иднина во ЕУ или ќе го следи патот на неговиот претходник Никола Груевски.
Груевски 11 години го блокираше евро-интеграцискиот пат на Македонија кон ЕУ за на крај да избега од државата соочен со одговорност за криминалот“, изјави Каевски.
 
Додаде дека со денови Мицкоски молчел за неговата одлука.
„Но, ќе почекаме до лидерската средба да видиме дали тоа што јавно го говори ќе го каже и таму“, додаде Каевски.

02.06.2023 - 12:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега