(ВИДЕО) Митрески: Крвавиот четврток е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ

Пет години по 27 април, сите ние имаме обврска пред граѓаните на оваа земја, пред сите оние што го преживеаа тој крвав ден и пред идните генерации да не дозволиме никогаш повеќе да се повтори, изјави Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

„А нема да се повтори само ако сите политички субјекти во земјата, не само декларативно, туку суштински, се обединат зад демократските и слободарски вредности. 27 април 2017 е еден од најцрните датуми во историјата на македонската демократија и македонското општество. За да спречат промена на власта и почитување на изборната волја на граѓаните, вооружени насилници поттикнати и злоупотребени од ВМРО-ДПМНЕ насилно упаднаа во Собранието во обид да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби“, рече Митрески.

Тој додаде дека, наместо храм на демократијата, Собранието го претвориле во бојно поле. Поради лични и партиски интереси на, како што рече, тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, за спас од криминалот и за спас на режимот, државата на тој 27 април беше доведена на работ на амбисот, пред граѓанска војна.

„Крвавиот четврток е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, а во оваа партија ниту по пет години нема никаква промена. Ниту еднаш за овие пет години не видовме никакво извинување, никакво каење од Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, лицата што се осудени за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, иако не се тие, ги нарекуваат уставобранители, правејќи лажен обид да ја исперат нечистата совест пред нив и нивните семејства“, изјави тој.

Пет години подоцна, како што рече, од држава на работ на граѓанска војна, денес сме демократска држава, членка на НАТО, пријател и сојузник со соседите и демократскиот свет.

„СДСМ и парламентарното мнозинство никогаш нема да дозволат да се заборави 27 април. Заедно со граѓаните нема да дозволиме никогаш да се повтори ваков срамен и трагичен настан во македонската демократија“, порача Митрески.

27.04.2022 - 13:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега